Стотици демонстранти се собраа синоќа на улиците на Истанбул, изразувајќи несогласување со одлуката на Врховната изборна комисија на Турција, која ги поништи резултатите од изборите за градоначалник на градот.
Гласањето на 31 март го освои со мала предност кандидатот на опозициската Републиканска народна партија, Екрем Имамоглу. Разликата меѓу него и кандидатот на владејачката Партија на правдата и развојот, Бинали Јилдирим беше околу 13.000 гласови.
– Ќе видиме што ќе се случи, но нема да се откажеме. Не се плашиме. Нема да молчиме. Тие можат да направат што сакаат, можат да не нападнат. Но ќе се исправиме пред нив – понекогаш со транспаренти, понекогаш како голема група, друг пат како одделни личности. На тој начин ги гледаме работите, изјави еден од демонстрантите.
Турската опозиција е уверена дека на 23 јуни повторно ќе победи на изборите.
Според турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган победата на опозицијата кон крајот на март се должи на „организираната корупција” и затоа демократијата треба да биде потврдена преку ново гласање.