Mинистерот Никола Димитров денеска се сретна со министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос кој во име на грчката Влада присуствуваше на инаугуративната церемонија на претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски.
За време на состанокот, соговорниците ја потврдија подготвеноста за продолжување на позитивната динамика во која се развиваат односите и соработката меѓу двете земји. Беше нагласено дека средбите на највисоко ниво (особено со посетата на премиерот на Грција, Алексис Ципрас на Скопје), ја одразуваат желбата за градење на односи темелени на заемна доверба и партнерство.
Се разговараше и за економската соработка, со посебен осврт врз инфраструктурното поврзување, со што се олеснува севкупната комуникација на граѓаните и стопанските субјекти, вклучувајќи ги двата нови договорени гранични премини.
Министерот Димитров уште еднаш се заблагодари за грчката поддршка за членството на нашата држава во НАТО и ЕУ. Тој го нагласи задоволството од темпото на ратификација на пристапниот протокол во земјите-членки на Алијансата и ги пренесе и очекувањата дека реформските и добрососедските постигнувања на Северна Македонија ќе добијат соодветно вреднување и од Европската унија: “Тоа ќе биде извонредно значајна порака до целиот регион: патот кон ЕУ е возможен и зависи од постигнати резултати.”