Десетици илјади граѓани се приклучија на четвртиот протест на албанската опозиција во главниот град Тирана. Учесниците на протестот се судрија со полицијата неколкупати, а новинарите кои известуваа за настанот јавија дека десетици демонстранти и полицајци се повредени.
Учесниците на протестот бараа оставка на премиерот Еди Рама и да се одржат слободни и фер избори.Демонстрантите се собраа пред канцеларијата на премиерот во 18,30 часот. Тие фрлаа петарди и молотови коктели кон владината зграда.
Извикувајќи ,,Сакаме европска Албанија”, слоганот на продемократските протести кога балканската земја го отфрли комунизмот во 1990 година, тие го обновија повикот што го дадоа од февруари за предвремени избори, откако нивните пратеници, исто така, ги прекинаа врските со парламентот.
Некои од демонстрантите, меѓу кои имало и група со маски, фрлале петарди и бои на влезот на владината зграда, а подоцна и во парламентот.
За време на затишјето во нападите врз зградата на премиерот, водачот на опозициската Демократска партија, Лулзим Баша, рече дека тие ,,се решени да продолжат со поголема и поцврста битка се додека владата ја држи Албанија настрана од Европа”. Баша го повика премиерот Рама да поднесе оставка и да го отвори патот за формирање на преодна влада која би организирала слободни и фер избори. Тој го обвини Рама за криминал и корупција, дека ја киднапирал Албанија и го блокирал патот кон Европската унија.
Говорот на Баша беше прекинат од солзавец испукан по обидот на дел од демонстрантите да се доближат до вратите на зградата. Баша ги повика демонстрантите да се воздржат од судири со полицијата.
Премиерот Рама на социјалните медиуми напиша дека е многу тажен за она што опозицијата и го прави на државата. Тој додаде дека молотовите коктели не можат да и наштетат на Владата, но штетат на земјата.
Претседателот на Албаија Илир Мета ги повика и демонстрантите и полицијата да се воздржат од судири и насилни дејства.
Опозицијата го напушти парламентот во февруари и организира протести на кои бара оставка на Рама.Тие ја обвинуваат владата за изборен фалсификат на изборите во 2017 година.
Албанија треба да одржи локални избори кон крајот на јуни, на кои опозицијата одбива да учествува.