Владата потпиша Меморандум за разбирање со Меѓународна организација за миграции

Дваесет години работа на Меѓународната организација за миграции (ИОМ) во Република Северна Македонија, денеска се одбележаа во просториите на Министерството за надворешни работи, во присуство на владини претставници, дипломатскиот кор и други невладини организации.

На настанот со свој поздравен говор се обратија: Едмонд Адеми, министер без ресор, задолжен за дијаспора, Андреј Жерновски, заменик министер за надворешни работи, Аргентина Сабадош, ИОМ, регионален Директор за Југоисточна Европа, Источна Европа и Централна Азија, Росана Дуджак, Резидентен координатор на ОН и Питер Ван Дер Овараерт, ИОМ, суб-регионален Координатор за регионот на Западен Балкан, додека Соња Божиновска, Шеф на канцеларијата на ИОМ во Северна Македонија ги претстави активностите на канцеларијата на ИОМ во земјава.

Жерновски во својот говор истакна дека одржливо и трајно решение може да се постигне само преку јасно дефинирани и координирани активности спроведени со заеднички напори на сите земји и меѓународни организации.

„Имајќи ја предвид определбата на нашата држава за почитување на основните човекови права и слободи и нивната соодветна заштита, поделбата на одговорноста и недискриминацијата, очекуваме во иднина продлабочување на соработката преку пружање на соодветна помош од страна на Меѓународната организација за миграција во насока на стратешко и технички имплементирање на Резолуција за миграциската политика прифатена од Собранието на РСМ, како и во однос на подготовка и имплементацијата на нови стратегии и акциски планови за прашања поврзани за миграција, усогласувањето со стандардите согласно законодавството на ЕУ, понатамошна поддршка во јакнењето на техничките капацитети во овој контекст“, рече Жерновски.

Во рамки на настанот, од страна на министерот без ресор задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми и регионалниот директор на ИОМ Аргентина Сабадош, беше потпишан меморандум за соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и ИОМ.

Со меморандумот се продлабочува соработката од областа на дијаспората, која ќе вклучува советодавна поддршка за развој на стратешките политики за дијаспората.

„Владата и јас како министер задолжен за дијаспора силно работиме за развој на политики и реализација на мерки и активности во насока на ангажирање на дијаспората. За нас дијаспората е составен дел од оваа држава. Сметам дека преку овој Меморандум, соработката помеѓу Владата и ИОМ дополнително ќе се интензивира. Владата во ИОМ гледа силен партнер во областа на миграциите и дијаспората, а денес, тоа партнерство, со овој чин, го официјализираме“, истакна Адеми.

Република Северна Македонија стана членка на Меѓународната Организација за Миграции во 2014 година, а претходно имаше статус на земја набљудувач.

Треба да знаете
Последни објави