Израелската супермоделка Бар Рафаели (33), која е водителка на годинашниот натпревар за песна на Евровизија во Тел Авив, треба да ѝ плати на државата околу 2 милиони евра данок. Покрај тоа, израелското Министерство за правда објави дека ќе мора да плати 30.000 евра за судски трошоци. Рафаели е обвинета дека целосно не ја пријавила својата милионерска заработувачка во Израел и во странство.
Иако изјави дека во спорниот период во 2009 година, поголемиот дел од времето не живеела во Израел, судот пресуди поинаку. Таа, наводно, плаќала многу ниска кирија за нејзиниот скап стан во Тел Авив, а луксузниот автомобил го добила за својата промоторска работа.
На крајот на април, Рафаели се појави во судот во близина на Тел Авив, а даночната администрација поднесе документи дека не плаќала данок. Таа ги демантираше обвиненијата, а на суд откри дека во 2009 година била во врска со актерот Леонардо ди Каприо (44), со кого живеела.
„Бевме во сериозна врска, и тогаш не бев жител на Израел. Не морам да плаќам израелски данок ако заработувам пари во друга земја “, рече Рефаили.
Во целиот случај се вплетени и нејзините родители кои исто така се обвинети за „перење пари”. Нејзините адвокати поднесоа тужба во Врховниот суд, а обвинението против нејзините родители сè уште не е подигнато. Судијата додаде дека моделката никогаш не доставила вистински доказ дека ги прекинала сите врски со својата земја, туку, како што вели, Израел сè уште е центар на нејзиниот живот.