По критиките за дозволување на тагови преку кои брзо се шират лажни вести, компанијата „Фејсбук“ во чија сопственост е „Инстаграм“ одлучи да се справи со овој недостаток и да ги ограничи можностите за злоупотреба.
Проблемот привлече внимание откако на „Инстаграм“ се појавија ознаки кои промовираат објави што тврдат дека вакцините можат да убијат, па на платформата најпрво ќе бидат блокирани оние тагови кои шират дезинформации во врска со вакцинација, а подоцна иницијативата ќе се прошири и во однос на други неточни информации.
Од „Инстаграм“ соопштија дека веќе се блокирани наколку тагови како #vaccinescauseautism и #vaccinescauseaids, а сега се планира и блокирање на оние кои не содржат конкретни информации, но се користат за ширење на лажни информации, како што е ознаката #vaccines1234.
Кога на „Инстаграм“ се блокира некој хаштаг веќе не е можно да се најдат содржините кои биле објавени во негови рамки, па кликот на забранетиот хаштаг не покажува никакви резултати, со што се спречува понатамошно ширење на лажни и злонамерни информации.
Покрај тоа, „Инстаграм“ работи и на други начини за борба против лажни информации во ситуации кога корисниците наидуваат на проблематични ознаки.