Светот во текот на 2017 година, испил 10 отсто повеќе алкохол отколку во 1990 година, првенствено поради ширењето на оваа лоша навика во Кина и Индија, објавија научниците минатата недела.
Според актуелните трендови, глобалната потрошувачка на алкохол ќе се зголеми за уште 17 отсто во следната деценија, објави списанието „Лансет“.
„Светот не е на пат кон исполнување на глобалната цел за намалување на штетната употреба на алкохол“, наведуваат авторите на студијата, повикувајќи на поагресивни контрамерки како што се повисоки даноци и забрана за рекламирање.
Целта на Светската здравствена организација е до 2025 година за 10 проценти да се намали штетната употреба на алкохол.
Алкохолот се поврзува со околу двесте заболувања и е одговорен за три милиони смртни случаи годишно, од кои 75 проценти се мажи.
На глобално ниво, околу 237 милиони мажи и 46 милиони жени страдаат од нарушувања поврзани со алкохолот. Притоа, и за двата пола, највисока е стапката во Европа и Северна Америка.
„Пред 1990 година, повеќе алкохол се консумирал во земјите со високи приходи, главно во Европа“, вели авторот на студијата Јакоб Мантеј од Институтот за клиничка психологија и психотерапија во Дрезден.
„Но, сега сликата е значително променета. Во источна Европа се бележи тренд на намалување, но потрошувачката значително се зголемува во земјите со среден приход како Индија, Кина и Виетнам“, објаснува тој.
Алкохол и натаму најмногу се пие во Европа и Северна Америка. Во Франција, на пример, мажите годишно пијат 19 литри чист алкохол, а жените нешто помалку од шест. Комбинарано, тоа е околу 12,5 литри.