Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) по третпат додели признанија за најдобрите изданија, автори и издавачи кои го одбележаа периодот меѓу двата саема на книгата. Во рамките на 31. издание на Саемот на книгата беа врачени награди во осум категории. За наградите одлучуваше стручно жири во состав: писателот Петар Андоновски, креативниот директор Ивица Спасовски и авторот Дејан Трајкоски.
Првото место во категоријата за најдобра едиција е доделено на „Арс Ламина“ за „Лесно читливи лектири“, едиција на лектири за основно образование препорачани од Здружението за дислексија „Ајнштајн“ и Филозофскиот факултет – Скопје. Второто место е врачено на „Проаза“ од издавачката куќа „ИЛИ-ИЛИ“, а третото место на Издавачкиот центар „Три“ за едицијата „Европски приказни“.
За најдобро ликовно-графички уредено издание е наградена сликовницата „Девојче и мече“ од авторот Ване Костуранов (во издание на „Арс Ламина“). Второто место го освои „ИЛИ-ИЛИ“ за книгата за деца „Арно ама“ од Калина Малеска, додека третото место е за „Антолог“ за трилогијата од Фредерик Бакман.
Прво место за најдобри книги за деца и млади доби „Арс Ламина“ за сликовницата „Џиновска продавница за фантазии“ од авторката Бистра Георгиева и илустраторката Моника Каретеро, второ место доби „Едука Мак“ за расказите за деца „Среќен роденден“ од Ели Маказлиева и трето место – издавачкиот центар „ТРИ“ за „Авантурите на Лисичко и Калинка“. За најуспешен домашен автор е именувана писателката Румена Бужаровска.
Наградата за најкреативно издание ја доби интерактивниот водич „Здраво Скопје“од авторското дуо Кокидо, а објавен од издавачкиот центар „ТРИ“.
Управниот одбор на МАИ додели и специјална награда за општествена одговорност на „Арс Ламина“, и тоа за повеќе проекти, донации и спонзорства: „Лесно читливи лектири“ во соработка со Здружението за дислексија „Ајнштајн“, донација на библиотеката во Детската клиника за онкологија, Донација на учебници во Општина Пустец, Мала Преспа во Р. Албанија, поддршка на документарниот филм „Медена земја“ (Honeyland) и низа донации за општествено ранливи групи.
Признанија за најдобри промотори на читачка култура освоија: издавачот КСЦ „Полица“ за кампањата „Читај на екс“ (прво место), блогот „Кафе и книга“ и Наде Илиевска (од групата на „Фејсбук“ – „Размена на книги и книжевни муабети“ (второ место) и Ксенија Николова – инфлуенсерка и авторка на „Култура“ (трето место). Награда за најдобро саемско претставување доби КСЦ „Полица“.
Идејата на наградите на МАИ е да им оддаде признание на најуспешните изминатата година и да ги поттикне другите да работат во насока на креирање на нови производи, на добра понуда и на успешно саемско преставување.
Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) е формирана на почетокот на 2016 година како независно, непрофитно и доброволно здружение, кое организирано работи на стручно оспособување и усовршување на своето членство. Целта и мисијата на МАИ се да работи во насока на развој на издавачката дејност во Македонија, и тоа преку: поттикнување соработка меѓу издавачките куќи, остварување на нивните заеднички интереси, утврдување стандарди во работењето и нивен постојан развој, учество во донесување на законски регулативи во дејноста и грижа за нивно спроведување, организација на саемски и други манифестации, со цел промоција на издавачката продукција во земјата и во странство преку овие цели и подигнување на статусот на книгата и читањето во Македонија.