Против Гери Џозеф Гравел, 51-годишник од Конектикат, поднесено е обвинение поради закана со убиство до американскиот претседател, Доналд Трамп, и испраќање писма за кои тврдел дека содржат антракс, прашак што пренесува сериозно бактериско заболување.
Агенцијата АП информира дека Гравел вчера бил обвинет по неколку точки, вклучувајќи и лажни информации поврзани со експлозиви и закани испратени до претседателот на САД.
Се наведува дека минатата година тој испратил писма адресирани до Трамп, исламскиот центар Њу Лондон и други места, во кои имало прашеста материја и пораки од типот „умрете“. Во некои писма имало прашок кој изгледал како формула за бебиња.
Официјални лица изјавија дека Гравел исто така испратил закани за бомби на неколку локации.
Се додава дека тој е во притвор уште од апсењето во текот на минатиот септември поради кршење на условите за ослободување со мерки за надзор.
Гравел претходно и во 2013 година бил осуден за испраќање заканувачки писма.