Отворањето преговори на Северна Македонија во јуни 2019 година ќе испрати јасна и позитивна порака до сите земји пристапнички во Западен Балкан. Ова го истакнал денеска потпретседателот на Сојузниот Совет на Република Австрија Магнус Брунер, по средбата со претседателот на Собранието Талат Џафери, кој се наоѓа во дводневна официјална посета на Австрија.
Џафери е придружуван од пратениците Реџаил Исмаили и Мери Лазарова, во својство на претседател и член на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Австрија и генералниот секретар, Цветанка Иванова.
Потпретседателот на Горниот дом упати честитки за постигнувањето на Договорот со Грција и изрази надеж дека оваа историска придобивка ќе биде уважена од страна на ЕУ и дека на Република Северна Македонија ќе и биде даден датум за преговори во јуни оваа година, соопшти собраниската прес-служба.
Изразувајќи задоволство што официјалната посета се случува во годината кога двете држави прославуваат 25 години од дипломатските односи, Брунер се заложи за интензивирање на економската соработка.
Џафери ги оцени политичките односи меѓу двете држави како пријателски и се заблагодари на континуираната поддршка што Австрија и ја дава на земјава во процесот на европските интеграции, а особено што еден од приоритетите на Австриското претседателство беше и интегрирањето на Западен Балкан во ЕУ, во време кога и Унијата се соочува со многу предизвици. Тој информираше и за одржувањето на изборите за претседател на државата на кои граѓаните во мирна и демократска атмосфера имаа можност слободно да ја изразат својата волја.
Имајќи предвид дека Австрија отворено го поддржува процесот на проширување на ЕУ и вклучувањето на земјите од Западен Балкан во Унијата и смета дека е клучно тие да се поддржат во спроведувањето на реформите, пред сè во поглед на стабилноста и владеењето на правото, претседателот Џафери истакна дека Северна Македонија смета на австриската поддршка и во наредниот период.
Двајцата соговорници изразија спремност за натамошно продолжување на интензивната билатерална соработка на сите нивоа.