Нови сознанија за суштината на универзумот и неговото функционирање ќе даде атомската игротека за деца и изложбата „Истражувањата во ЦЕРН” што денеска е отворена на Академија за науки и уметностите во организација на Природноматематичкиот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј” и Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) по повод „Денови на ЦЕРН во Северна Македонија”. Настанот ќе трае до 17 мај и ќе биде отворен за целата јавност.
Авторите на изложбата се професорите од ЦЕРН, Лудвиг Добжински и Даниел Денегри.
– Денешниот настан е исклучително важен затоа што ЦЕРН е една од најзначајните, најавторитативните, најпознатите меѓународни научни институции со основна цел, задача и мисија да организира фундаментални истражувања во подрачјето на физиката, односно како што обично се вели, да ја проучува научно физиката на елементарните честички, како најголема лабораторија во светот што има многу софистицирана опрема, рече професорот на економскиот факултет, Таки Фити.
Професорот додаде дека научните откритија и технолошки иновации на ЦЕРН имаат практична примена во многу сфери во живеењето на луѓето, вклучувајќи ја медицината и претставуваат благодет на човештвото.
– За нас е многу значајно формирањето на овие атомски игри каде што низ забава и игра учениците од основните училишта, седмо, осмо и деветто одделение, ќе можат нешто повеќе да научат за тоа како настанал универзумот, што е суштината на универзумот и како тоа функционира. Настојуваме да ги научиме младите критички да резонираат и откриваат, зашто не се потребни само факти во нашиот образовен систем, туку и поврзувањето на категориите и процесите што се случуваат во логичен и транзистентен систем. Да ги учиме учениците и студентите да размислуваат, да им вградиме во нивните глави повеќе мудрост а не само факти, додаде Фити.
Јован Деспотовски, директорот на ФИТР, посочи дека ова е многу значаен настан за државата зашто станува збор за една номинирана европска организација за атомски истражувања каде во моментот членуваат повеќе од 23 технолошки напредни држави.
– Младите луѓе кои денеска се тука се јадро што треба понатаму да го шири размислувањето за ова исклучително значајна тема како што се атомските истражувања. Мислам дека доволно долго во нашата држава други теми ја окупираа јавноста и нашето образование и сакам да верувам дека го првиме првиот чекор кон промени. Наредните пет дена ќе имаме настани од различен карактер што ќе бидат отворени за пошироката јавност, меѓутоа пред се се наменети за најмладите, за основците и средношколците. Ние постепено ја шириме идејата, го шириме размислувањето дека земјите треба да се насочуваат кон теми што реално се прогрес а тоа е меѓудругото и истражувањето, рече Деспотовски.
Директорот појасни дека со овој настан го правиме првиот чекор за пристапување на земјата во ова технолошки напредно семејство на европскиот континент.
Мимоза Ристова, професор на природно математички факултет и автор на атомската игротека за деца додаде дека во текот на утрешниот ден ќе има семинар на средно-популарно и научно ниво, и научниците од областите технички и природни науки може да добијат нешто, а публиката која што сака да научи и чуе нешто за ЦЕРН, може да присуствуваат на семинарот зашто тој ќе биде отворен за целата јавност.