И покрај претрпената штета на државните интереси, ниту една влада досега не иницира одговорност за тогашните функционери. Напротив, Љубчо Георгиевски е моментален коалиционен партнер на Владата и еден од главните агитатори за т.н. Преспански договор. Токму затоа оваа Влада, составена од амнестирани криминалци, поранешни корумпирани функционери и бизнисмени со сомнително стекнато богатство, не може да биде заштитник на државните и јавните интереси, ниту гарант за просперитет и развој на Републиката.
Иако Регулаторна комисија демантира дека новата регулатива ќе предизвика ценовен шок за обичните граѓани, останува спорен моментот дали компаниите од нафтениот бизнис ќе го добијат бараното зголемување во делот на маржата за која се бара да биде повисока, односно од сегашните 3,2 да се зголеми на 6 денари. Евидентна е тенденцијата за пораст на цените на горивата, кои се зголемени за повеќе од 14% од доаѓањето на „коалицијата за живот” на власт, додека платите на работниците стагнираат и трошоците за живот се зголемуваат. Токму приватните компании од бизнисот со нафта бележат континуиран раст на своите приходи, остварувајќи милионски приходи од зголемените цени на горивата кои најмногу удираат по џебот на сиромашните граѓани.
Потребно е целосно реструктуирање на сегашниот модел на снабдување со електрична енергија каде јавниот интерес и задоволувањето на основните потреби на граѓаните ќе претставува главен приоритет, а не луксуз и извор за генерирање милионски профити од шака бизнисмени тесно поврзани со секоја владејачка гарнитура“.