Во НУ Театар Комедија во изминатиов период се работи во полна пареа. Втората премиера од планираните пет за годинава е насловена: „Жени пред нервен слом“ (според филмот „Жени на работ од нервен слом“ на Алмодовар), а во режија на познатиот хрватски режисер Иван Лео Лемо.
Тимот што работеше на оваа претстава го сочинуваат и: кореограф: Лео Мујиќ; сценограф: Весна Режиќ; костимограф: Мирјана Загорец; асистент на костимограф: Ивана Каранфиловска – Угуровска; композитор: Звонимир Дуспер – Дус; превод и драматуршки соработник: Габриела Коцева Тулиев; лектор: Зорица Манаскова; соработник по пеење: Весна Гиновска-Илковска; дизајн на плакат: Сергеј Светозарев.
„Ме радува фактот што во нашата установа се оди по предвидениот план за работа на институцијата за оваа година. Оваа претстава ѝ нуди на публиката еден поинаков ракопис од вообичаеното што можат да го следат. Многу сум благодарен на целиот тим кој максимално се вложи за време на подготвителниот процес. Имаме голема хит претстава, која ќе ги освои срцата на публиката“ – истакна директорот на НУ Театар Комедија, Сашо Ристовски.
Во „Жени пред нервен слом“ играат: Марина Поп Панкова, Ева Скендеровска, Кристина Ласовска, Жаклина Стевковска, Миа Кантарџиева, Жарко Димоски, Илија Илиоски, Едмонд Сотир, Дритон Вејсели, Александар Вељановски, Тони Денковски, Тино Костадиновски и Ема Давчева. Режисерот Иван Лео Лемо ни истакна: „Педро Алмодовар, по чиешто сценарио ја работевме оваа претстава, е најуспешниот и светски признат шпански режисер, автор и продуцент од својата генерација. Алмодовар е режисер на експлозивен колорит, а боите се светлина. Неговите ликови поминуваат низ турбулентни фабуларни лавиринти, но на крајот секогаш ја пронаоѓаат светлината. Исто како и во животот. Реката на човештвото, без обѕир на мрачните канони и опасните меандри, се влева во океанот на љубовта. Затоа Алмодовар создава мелодрами кои им се случуваат на ликови со впечатливи животни маски – глумици, проститутки, трансвестити, калуѓерки, хомосексуалци… И сите тие негови ликови успеваат да ги надлетаат животните препреки, кои често се многу радикални и на работ од возможното. Овие алмодоварски персони се посилни дури и од смртта или, во овој случај, посилни и од болниот прекин на љубовната врска. А психолозите велат дека разводот, исто како и смрт на некој близок, претставува најголем животен стрес.
Оваа година се навршуваат 31 година од првото прикажување на „Жени на работ од нервен слом“, кој таа година беше номиниран и за Оскар во категоријата Најдобар странски филм. Во меѓувреме ова сценарио беше адаптирано и за мјузикл, кој доживеа свои изведби и на Бродвеј во Њујорк и на Вест енд во Лондон. Што се однесува до регионалните постановки на Алмодовар, во Београдско драмско позориште во 2011 беше изведен еден од неговите најзрели текстови, „Сѐ за мојата мајка“…“
Со оваа претстава Театар Комедија се запишува на мапата на истражувачи на либералните можности на европската култура, која на нашиот патријархален Балкан е повеќе од потребна.
Првата реприза на претставата е закажана на 17 мај (петок), со почеток во 20 часот.