Очекуваме во јуни сите земји членки на Европската Унија да дадат зелено светло за нашата земја. Oчекувам Брисел конечно да го објави доделувањето на датумот за преговори со Република Северна Македонија. Нашата земја има солидно досие кое што ни овозможува да бидеме оптимисти. Република Северна Македонија за многу краток период докажа дека е успешен модел во Западниот Балкан и докажа дека ние не сакаме да зборуваме за замрзнати конфликти, туку докажавме дека всушност постојат замрзнати решенија и дека тие историски конфликти може да ги претвориме во едно пријателство и голема предност.
Ова го истакна заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски попладнево, пред почетокот на Тинк Тенк Форумот „Зајакнување на европската интеграција на Западен Балкан-Учејќи од минатото, подготвувајќи се иднината” во организација на Институтот за демократија „Социетас Цивилис”-Скопје во соработка со Центарот за источни студии од Варшава и Амбасадата на Република Полска во Скопје.
– Се разбира, продолжи Жерновски, таа одлука не зависи само од нас, зависи од тоа каков ќе биде исходот на изборите за Европскиот Парламент, меѓутоа очекуваме победа на проевропските сили кои работат на обединување и единство на континетот и оптимисти сме дека конечно ќе го добиеме датумот за преговори.
Претседателот на „Социетас Цивилис” Марко Трошановски посочи дека за првпат кај нас во рамки на Берлинскиот процес под полското претседателство се организира ваков форум на аналитички центри.
– Досега таква пракса немаше и е една иновација што полското претседателство ја воведува во целокупниот процес. Настанот обединува политички аналитичари, експерти од целиот регион кои би требало на темите да дадат свој инпут како регионот да оди понатаму во заемната интеракција. Берлиснкиот процес не е замена за процесот на проширување, туку е негово надополнување. Тој на некој начин го држи во кондиција, го подготвува и поттикнува Западниот Балкан да се интегрира, да соработува на полиња од енергетика, па се до соработка со младите, појасни Трошановски.
Полскиот заменик министер за надворешни работи Шимон Шинковски се надева дека денешната дискусија ќе биде плодна и дека истите разговори ќе бидат разгледани и на самитот во Познан, Полска, што ќе се одржи на 3, 4 и 5 јули.
Шинковски истакна дека нашата држава во последните неколку години направила вистински чекори напред и оти ја поддржуваат земјава во чекорите што се во таа насока.
Тој смета дека перспективите за влез на нашата земја во ЕУ се прилично оптимистични, но, како што рече, „тоа не е моја одлука и не е одлука само на една земја”. Додаде дека се надева на добра одлука што ќе ја насочи Северна Македонија во ЕУ и оти не треба да чекаме за пристапувањето премногу долго.