Гласањето на парламентарните и локалните избори на Филипините започна со експлозии, дојави за купување на гласови и технички проблеми во избирачките места.
Безбедносните мерки се зајакнати. Ангажирани се 160.000 полицајци и 98.000 војници да ги обезбедуваат 36.000 избирачки места.
Засега нема информации за повредени, откако две гранати експлодираа во град во провинцијата Магинданао, соопшти полицијата. Првата експлозија се случила неколку часови пред отворањето на гласачките места, а втората еден час по почетокот на изборниот ден, на 500 метри од едно избирачко место.
– Се води истрага, но целта била да се заплашат луѓето да не излезат на гласање, истакна полицискиот началник Роналд Брионес.
На неколку места во земјата гласањето беше одложено поради проблеми со машините за броење на гласови.
Кандидат за градоначалник на Кесон беше уапсен синоќа заедно со над 40 свои поддржувачи за наводно купување гласови. Полицијата уапси уште околу 200 лица за истиот прекршок.