Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Генг Шуанг, предупреди дека неговата земја никогаш нема да потклекне на надворешен притисок во екот на трговската војна со САД, пренесува „Спутник“.
„Кина никогаш нема да се предаде на надворешен притисок, ние имаме доверба и способност да ги заштитиме нашите законски и легитимни права”, рече Шуанг.
На барањето да ја коментира заканата од Вашингтон дека ќе наметне тарифи за сите кинески производи што ги увезуваат и покрај тековните преговори за да потпишат трговски договор, тој одби да открие какви контрамерки планира Пекинг како одговор на тарифите на САД за кинески стоки во вредност од 200 милијарди долари наметнати во петокот.
Според американскиот претседател Доналд Трамп, Пекинг треба веднаш да го склучи договорот со него или Кина ќе се соочи со многу полоши мерки ако за договорот повторно се преговара за време на неговиот втор претседателски мандат.
Трговскиот спор меѓу двете земји ескалира повеќе од една година бидејќи и Кина и САД постојано се напаѓаат со одмазднички тарифи во вредност од милијарди долари.