Во рамки на 47. Мајски оперски вечери, на 15 мај ќе се одигра психолошки фасцинантната опера „Лучија од Ламермур“ од Гаетано Доницети.
Од Националната опера и балет (НОБ) информираат дека во оперската претстава ќе учествува врвна солистичка екипа, предводена од позната првенка Ана Дурловски во главната улога како Лучија. Италијанскиот баритон Франческо Вултаџо, добитник на многубројни интернационални награди ќе настапи во улогата на Енрико, додека во улогата на Едгардо ќе настапи Ифрим Космин од Романија, кој со својот полн и обоен тенорски глас бележи настапи на многубројни престижни оперски сцени и театри низ светот. Во улогата на Рајмондо ќе настапи гостинот од Србија, Иван Томашев, солист на Националната опера во Белград, а во улогата на Артуро публиката ќе има можност да го види Марјан Николовски.
Марика Поповиќ и Јане Дунимаглоски ќе настапат во улогите на Ализа и Нормано. Диригент на оваа претстава во склоп на Мајските оперски вечери е Најден Тодоров од Бугарија.
Покрај за операта „Лучија од Ламермур“ од НОБ информираат дека годинава дел од манифестацијата ќе биде и изложбата на фотографии на оперската примадона Ана Липша Тофовиќ, со наслов „Божествена симбиоза“.
„Проектот се реализира на иницијатива и со финансиска поддршка од Матицата на иселениците од Загреб, Советот на македонското национално малцинство на Град Загреб и Заедницата на Хрвати во Република Македонија кој се однесува на афирмација на истакнатата музичка уметница Ана Липша Тофовиќ од Република Хрватска“, се наведува во соопштението.
Проектот има за цел да ги презентира на јавноста животните стории и фрагментите од дејствувањето на Ана Липша Тофовиќ на овие простори, преку изложба на нејзините предмети, фотографии, костими, плакати и се што е зачувано. Изложбата ќе биде поставена во фоајето на Националната опера и балет од 15 – 31 мај.