Од следниот месец Македонците кои патуваа по прасечко и свинско месо во соседна Србија, но и по кулен и пршута треба да бидат подготвени дека нема да можат да го внесат во државава, дознава 24 инфо. Истото важи и за кашкавали од Бугарија, цацики од Грција и останата храна која порано се носеше како личен багаж.
Во Агенцијата за храна велат дека целта на донесување и имплементација на овие акти е во насока на спречување на внесување на болести преку личниот багаж кои се ризик по здравјето на луѓето и животните. Од тие причини, се забранува внесување на производи од месо и млечни производи, како и риба и производи од риба преку личниот багаж на патниците. Исклучок од овие производи се мали количини на храна за доенчиња, храна за миленици или храна за медицински цели која е дозволена да се внесе но, во количина до 2 килограми во личниот багаж на патниците.
-Стручни лица од Агенцијата за храна и ветеринарство, за потребите на Царинската управа на Република Северна Македонија одржаа обука за спроведување на контроли при увоз и транзит на домашни миленици за некомерцијални цели и контрола на личниот багаж при влез во нашата држава. На обуката царинските службеници се запознаа со законските прописи за влез и транзит на домашни миленици, на кои категории животни се однесуваат процедурите, колкав број на единки може да се пренесат и кои документи треба да ги следат животните при увоз или транзит- велат во Агенцијата.
Како што е пропишано во европското законодавство, така и во нашата земја надлежноста за контрола на некомерцијално движење на домашните миленици припаѓа на царинската служба и покрај тоа што прописите и насоките за нивна имплементација ги донесува Агенцијата за храна и ветеринарство. Во оваа насока, од големо значење одржување на заеднички обуки, зајакнување на соработката помеѓу царинските службеници и официјалните ветеринари на граничните премини, како и поинтензивна размена на податоци и знаења во насока на правилно спроведување на контролите. Правилните контроли на домашните миленици на граничните инспекциски места ќе обезбедат поголема контрола на беснилото и спречување на внесување на оваа болест, како и други болести кои можат да се внесат преку домашните миленици на територијата на Република Северна Македонија.
Претставниците од Агенцијата детално ги објаснија и важечките законски и подзаконски акти за начинот на вршење на проверка и преглед на граничните премини на пратките од животинско потекло кои се внесуваат како личен багаж на патниците, а кои не се наменети за комерцијални цели односно се употребуваат лично за нивни потреби. Контролата на личниот багаж на граничните контролни места ја врши Царинската Управа, додека прописите за имплементација на овие активности ги носи Агенцијата за храна и ветеринарство.
Валентина Ангеловска