Бројот на државјани на останатите земји членки на ЕУ кои се вработени во Велика Британија, во првиот квартал од оваа година се зголемил за четири проценти на годишно ниво, достигнувајќи рекордни 2,38 милиони лица, соопшти денеска британското Национално статистичко биро (ОНС).
Како што јави ДПА, ваквото зголемување за над 98.000 вработени од останатите земји членки на ЕУ во споредба со првиот лански квартал, доаѓа и покрај неизвесноста околу британското истапување од Унијата.
ОНС наведува дека бројот на странци државјани на членките на ЕУ вработени во Велика Британија бележи континуиран раст во последниве две години.
Најголем број од овие работници потекнуваат од Полска и останатите источноевропски членки на Унијата.
Во првиот овогодишен квартал, се бележи зголемување и на бројот на работници странци, кои не потекнуваат од земји членки на ЕУ. Така нивниот број на годишно ниво се зголемил за 80.000, достигнувајќи 1,32 милиони.