Индиции за повторно активирање на т.н. Балканска мигрантска рута нема, но останува на државите од Западен Балкан, меѓу кои и Република Северна Македонија, активно да работат на зајакнување на своите капацитети за спречување односно справување со таква можност. Тоа беше пораката испратена од 72-от состанок на Управната група на Меѓународниот центар за развој на миграциска политика што во организација на македонското МВР од денеска се одржува во Охрид.
Директорот на Управната група Михаел Шпинделегер пред медиумите истакна дека нема индикации за такво нешто, но нагласи на потребата од подготвеност оти се работи за појава што не може да се предвиди.
– Не постојат показатели за можен нов мигрантски бран, но постои можност со подобрувањето на временските прилики да се јави придвижување на луѓе. Сметам дека Македонија е подготвена за да се соочи со предизвиците, со оглед што веќе има донесено одлична стратегија и се подготвува на одличен начин, рече Шпинделегер. Тој укажа дека е исклучително важно да се поддржат земјите од западнобалканската рута што подобро да се подготват за справување со евентуални предизвици.
Република Северна Македонија оваа година претседава со Управната група, со приоритет развој на политиките и унапредување на меѓусебната соработка на земјите од Западен Балкан со оние на ЕУ.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во обраќањето пред учесниците на состанокот нагласи дека илегалната миграција претставува глобален проблем, динамичен и со тенденција на брзи промени на трендовите. Тој нагласи дека колку и да е добро испланирана и имплементирана, ниту една мерка или активност долгорочно нема да биде доволна за успешно справување доколку остане во национални рамки односно доколку не е дел од еден поширок и координиран одговор на сите засегнати земји од регионот, па и пошироко.
– Миграциите се предизвик што постојано ќе бидат присутни. Нашата географска положба придонесува да бидеме „атрактивни” за миграциски рути. Она што го правиме е јасен сигнал и знак дека сме подготвени заедно со нашите партнери да работиме на размена на информации и јакнење на капацитетите да бидеме подготвени за каков било предизвик поврзан со миграциите. Само преку спроведување заеднички политики можеме да бидеме успешни во тоа, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
По однос на шпекулациите во јавноста за некакви планови за изградба на сместувачки капацитети за мигранти, Спасовски го нагласи ставот на Република Северна Македонија дека нема намера да гради такви објекти.
– Ние имаме два кампа за прифат и кус временски престој на бегалци во Гевгелија и Табановце. Нашиот став е дека ние работиме исклучиво во транзитни центри. Последните информации покажуваат намалување на илегалните обиди за преминување на границата, така што сум убеден дека политиката што ја спроведуваме заедно со ЕУ дава резултати дека во скоро време нема да се соочиме со мигрантска криза, рече Спасовски во изјавата за медиумите.
Што се однесува на присуството на поголем број мигранти од Блискиот Исток во Турција, Спасовски со коментар дека тие луѓе не се таму да чекаат отворање на некаква нова мигрантска рута, туку пред се се интегрираат во турското општество.
– Оттаму е мошне важно да опстои договорот меѓу ЕУ и Турција по прашањето, рече Спасовски притоа нагласувајќи ја потребата државите од регионот и ЕУ да работат на спроведување мерки за превенција односно справување со евентуална ескалација, независно што ситуацијата на терен исклучува таква можност.