Во скопската казарна „Илинден” денеска беше одбележан Денот на Балканските медицински наменски сили (БМНС) и достигнувањето на нивна целосна оперативна способност.
Воено-медицинската единица БМНС е проект на „Паметна одбрана”, а целта е преку здружување на капацитетите на земјите членки брз одговор на широк спектар ситуации и катастрофи предизвикани од природни или човечки причини, како и оспособување на витални воено медицински капацитети за меѓународните операции.
Преку овој проект се овозможува подобрување и оспособување на националните воено-медицински капацитети, зајакнување на регионалните воено-медицински капацитети за поддршка на цивилната заедница и оспособување на националните воено-медицински служби за изградба на стандардизирани капацитети со високо ниво на интероперабилност, како во регионот, така и со колективните системи за безбедност.
Во БМНС се шест земји: Северна Македонија, Словенија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Албанија, со поддршка на САД и Норвешка.
Главниот штаб на единицата е со постојано седиште во Скопје.
Крсте Малинковски, претседател на Управниот одбор на Балканските медицински наменски сили во обраќањето пред присутните денеска меѓу другото нагласи дека БМНС ќе продолжат да се надградуваат и да ги подобруваат нивните капацитети, за постојано да бидат подготвени да одговорат на предизвиците.