Помпео во посета на Путин во обид да се подобрат односите меѓу двете светски сили

Рускиот претседател, Владимир Путин, денеска ќе биде домаќин на американскиот државен секретар, Мајк Помпео, во обид да се стабилизираат тензиите меѓу спротивставените сили и покрај долгата листа на отворени прашања за кои меѓу нив постојат разлики.

Венецуела, Иран, Сирија, Украина, разоружување… Спорните точки се бројни, па Помпео на „минираниот терен“ ќе мора внимателно да чекори, балансирајќи меѓу својот цврст и крут карактер и желбата на неговиот шеф, Доналд Трамп, да постигне приближување со руските колеги.

Според Кремљ, државниот секретар прво ќе се состане со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, а потоа рускиот претседател во својот кабинет ќе ги прими и двајцата. Така, Помпео ќе биде највисок американски претставник кој се сретнал со Путин, по самитот во Хелсинки, каде што во јули минатата година присуствуваа Путин и Трамп, состанок со кој американската политичка сцена беше изненадена од помирувачките тонови упатени кон Кремљ.

Во моментов постојат и најави дека двајцата претседатели би можеле повторно да се состанат на следниот Г-20 самит на крајот од јуни во Јапонија.

Белата куќа веќе долго време се надева дека завршувањето на истрагата на специјалниот обвинител Роберт Мулер, во која пред речиси два месеца се заклучи дека Русија е вмешана во претседателските избори во САД од 2016 година, но дека не постоел заговор меѓу Трамп и Кремљ, ќе овозможи да се сврти нова страница во влошените односи меѓу двете ривалски земји.

Рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, изрази надеж дека посетата на американскиот државен секретар ќе овозможи барем малку да се стабилизираат односите меѓу двете земји. Сепак, како што пренесува агенцијата „Интерфакс“, тој признава дека разговорите ќе бидат особено тешки кога станува збор за Венецуела, бидејќи двете страни се на сосема спротивставени позиции.

Треба да знаете
Последни објави