Единаесет дена до првото издание на Планинарска трка „Охрид треил-2019″, Асоцијацијата за спортови „Спорт за сите-сите за Спорт” и здружението „ТРЕКС” имаа работна средба со координативното тело и претставници на државните инстутиции инволвирани во организацијата на настанот. Со тоа во завршна фаза влегуваат подготовките за Планинарска трка што ќе се одржува на планината Галичица на 25 мај, а која вклучува две трки на 35 и на 60 километри.
– Одржаната средба имаше за цел организацијата да биде на високо ниво, со акцент на безбедноста на учесниците и нивното здравје. Двете трки континуирано ќе бидат следени и придружувани од здраствени и спасителски служби и волонтери со големо искуство во организирање слични настани, изјави Јоне Станкоски од Асоцијацијата за спортови „Спорт за сите-сите за Спорт”.
На десет дена до самиот настан досега учество имаат потврдено над 150 натпреварувачи од 18 земји, со последен рок за пријавување 19 мај.
Дејан Крле од „ТРЕКС” истакна дека временските услови не се клучен фактор во настанот и оти сите натпреварувачи се свесни за предизвиците.
– Временските услови не се клучен фактор во настанот, бидејќи сите учесници се искусни и свесни за предизвиците со кои се сочуваат по трката. Во текот на трката може да се случи да врне снег и дожд, а потоа да изгрее Сонце, а всушност тука е целиот шмек што го нуди трката. Добриот прием и соработка со домаќините ни дава голема надеж и самодоверба дека се ќе помине во најдобар ред и учесниците ќе си заминат од Охрид полни со позитивни впечатоци, истакна Крле.
Пријавувањето за учество на манифестацијата осмислена за промоција на убавините на градот Охрид, планината Галичица и регионот на Охридското Езеро сите заинтересирани можат да го направат на официјалната страница ohridtrail.mk.