Австрија ќе стори сè да ги убеди земјите кои се скептични дека доделувањето на датум за отворање на преговори со Европската Унија за Република Северна Македонија е неопходно, рекол претседателот на Националниот совет на Австрија, Волфганг Соботка, на средбата со претседателот на Собранието, Талат Џафери, што се одржа во Виена.
„Двајцата соговорници оценија дека односите и контактите меѓу Собранието на Република Северна Македонија и австрискиот парламент се пријателски и се одвиваат по нагорна линија, и на билатерален и на мултилатерален план. Претседателот Соботка го поздрави потпишувањето и спроведувањето на Преспанскиот договор и истакна дека, тоа претставува пример за сите држави во Европа како преку дијалог се решаваат несогласувањата. Тој изрази оптимизам дека континуираните напори за спроведување на реформите на институциите на Северна Македонија во клучните области ќе бидат признаени и дека земјите членки на ЕУ ќе донесат одлука за отворање на преговорите за пристапување во јуни оваа година“, соопштија од собраниската прес-служба.
Џафери ја нагласил заедничката определба на владејачките и на опозициските партии за поддршка на стратешка цел за пристапување во ЕУ и членство во НАТО.
„Отворањето преговори во јуни 2019 година ќе обезбеди понатамошен поттик за консолидирање на демократијата и владеењето на правото и истовремено, ќе испрати јасна и позитивна порака до сите земји пристапнички во Западен Балкан“, истакнал Џафери.