Активистите кои го поддржуваат венецуеласкиот претседател Николас Мадуро и кои ја окупираа Амбасадата на Венецуела во Вашингтон, одбија да ги напуштат просториите и покрај заканите со апсење и насилното влегување на полицијата која не успеа да ги истера сите, пренесува РТ.
„Очекуваме полицијата да влезе и да ја прекрши Виенската конвенција со нивната фиктивна влада која тврди дека треба да си заминеме. Подготвени сме да бидеме уапсени. Нема да си заминеме доброволно”, се вели во видео-пораката од Колективот за цивилна заштита на амбасадатапред пристигнувањето на полицијата.
Најмалку четворица заштитници на амбасадата останаа во зградата дури и откако полицијата влезе и си замина, очигледно не успевајќи насилно да ги исели сите.
И покрај нивната решеност да ја бранат дипломатската мисија од нелегално запленување од страна на американскиот претставник Карлос Векио, назначен од Гваидо, многу активисти ја напуштија амбасадата очигледно уморни од опсадата во последните 34 дена и загрижени поради заканата со апсење.
„САД не го признаваат авторитетот на поранешниот режим на Мадуро и не дозволуваат некој од неговите поранешни претставници законски да влезат, да останат на овој имот или да преземат какви било дејства во врска со овој имот”, пишува на вратата од зградата.
Поради ќор-сокакот околу контролата врз зградата, заменик-министерот за надворешни работи на Венецуела за Северна Америка го потсети Вашингтон дека упадот ќе претставува прекршување на меѓународното право.
„Владата на Боливарската Република Венецуела не го одобри влезот на полицајци во поранешната зграда на Амбасадата во Вашингтон. Овој упад е уште едно кршење на меѓународното право од страна на американските власти и агресија против Венецуела “, рече Карлос Рон на Твитер.