Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и заменик министерката за финансии, Ширет Елези при отворањето на Регионалната конференцијата за факторинг ги истакнаа можностите и поволностите што оваа услуга ги нуди за компаниите, како и заложбите на Владата за внесување на овој механизам.
Анѓушев посочи дека како алтернативен начин на финансирање, факторингот може да влијае и значително да ја подобри ликвидноста на компаниите.
„Факторингот е блиску поврзан со ликвидноста на компаниите, односно тоа е механизам како компаниите преку факторинг можат да ја подобрат својата ликвидност. Овој механизам во нашата држава не е развиен заради неинформираноста и тоа што нема компании што ја нудат оваа услуга, а е блиско поврзано и со ризикот. За потенцијалите на оваа услуга зборува фактот дека околу 10 отсто од бруто домашниот производ во Европската Унија се средства коишто се опфатени со факторинг, односно големината или средствата што компаниите ги користат врз основа на механизмот факторинг се околу 10 отсто од бруто домашниот производ. На пример во Словенија тоа се 3% од БДП на Словенија или 1,2 милијарди евра на годишно ниво, додека пак кај нас тоа се мери во промили или е незначително“, истакна вицепремиерот.
Според него, актуелната состојба во нашето стопанство отвора широк простор за факторинг механизмот.
„Кај нас ситуацијата е таква што од една страна не го користиме овој механизам, а од друга страна имаме сериозен проблем со ликвидноста на македонските компании и затоа ценам и верувам дека има доволно простор за ова да се подобри“, потенцираше Анѓушев.
На отворањето на Конференцијата за факторинг свое обраќање имаше и заменик министерката за финансии.
„Пристапот до финансии, особено за малите и средни претпријатија, е едно од горливите прашања на кои Владата на Република Северна Македонија е сериозно посветена.
Во Законот за финансиски друштва, ќе се направат измени во делот кој се однесува на факторингот. Ќе се дефинира содржината на договорот и ќе се утврдат видовите на факторинг. Со тоа ќе се зајакне правната сигурност на овие договори, а на банките, финансиските друштва и самите корисници на услугата, ќе им се помогне да го разберат и препознаат факторингот како алтернативен начин на финансирање“, образложи заменик министерката, Ширет Елези.
Двајцата владини претставници порачаа дека државата е одлучна да го искористи овој потенцијал и на фирмите да им овозможува пристап до ликвидни средства без дополнително задолжување.