Венецуелските безбедносни сили денеска го блокира Парламентот на Венецуела, оневозможувајќи им влез во зградата на пратениците, со образложение дека постои закана за поставена бомба.
На ваквата постапка на безбедносните сили реагираше спикерот на Парламентот, Хуан Гуаидо, кој во јануари годинава се прогласи за привремен претседател на Венецуела, обвинувајќи ги властите за „прогонство и обид за киднапирање” на Националното собрание, во кое мнозинство има опозицијата на шефот на државата Николас Мадуро.
– Денеска (Мадуро) повторно покажа дека се плаши од легитимитетот на Собранието, објави Гуаидо на Твитер.
Како што јави ДПА, денешната акција на безбедносните сили следи откако Врховниот суд на Венецуела минатата недела им одреди притвор на неколку опозициски пратеници под обвинение за предавство.
Опозицискиот пратеник Луис Стефанели изјави дека Парламентот не се плаши од вакви закани и дека ќе заседава на некое друго место.
– Ќе одржиме седница на Националното собрание под некој мост или на некој плоштад, изјави Стефанели.
Парламентот требаше да заседава денеска за да расправа за одлуката на Врховниот суд за покренување обвиненија за предавство против дел од пратениците.
Националното собрание се обидува да го смени Мадуро, кој лани беше реизбран на функцијата на избори со сомнителен легитимитет и бојкотирани од опозицијата. По истекот на претходниот мандат на Мадуро во јануари годинава, Гуаидо, повикувајќи се на уставните одредби, се прогласи за привремен претседател на државата до одржување на нови демократски и слободни претседателски избори. По ова, околу 50, претежно западни земји, го признаа Гуаидо за легитимен шеф на државата.