Римјанинот Матео Беретини (не) изненадувачки го елиминира шампионот од минатата година Александар Зверев со 7:5, 7:5 и се пласираше во осминафиналето на тенискиот турнир од сериите „Мастерс” во Рим. 23-годишниот Италијанец ја постигна првата победа во кариерата над тенисер од топ 5 и го направи тоа на најсоодветното можно место – пред пресреќните домашни фанови.
Беретини минатиот месец ја освои втората титула во кариерата (и двете на земја) во Будимпешта, а сега има уште еден повод за гордост на својата омилена подлога.
За Зверев ова е уште еден разочарувачки ран неуспех на турнирите од почетокот на сезоната и значителен пад во однос на минатата година. Тогаш на стартот на „Ролан Гарос” тој имаше скор од 30 победи и 8 порази, откако имаше две титули на сметка – во Минхен и токму во Рим.
Сега, сепак, тој има 15-10 и само едно учество во финале – во Акапулко, каде што беше поразен од Ник Кириос.