Филмските работници Димитар Грбевски, монтажер, и Елена Дончева, костимограф, се овогодинешни добитници на наградата „Златен објектив” за 2019 година, која Кинотеката на Северна Македонија ја доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија.
„Златен објектив” се доделува по повод роденденот на Кинотеката како признание на поединци кои со своето професионално делување придонеле македонската кинематографија да се создаде, развива, промовира и популаризира.
Досегашни добитници на оваа награда беа режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов и Кирил Ценевски, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков и историчарката и критичарката на филмот Илинденка Петрушева.
Елена Дончева е родена во Скопје. Таа е ликовен уметник, филмски, телевизиски и театарски костимограф. Дипломира на Академијата за применета уметност во Белград во 1967 година. По дипломирањето работи во Радио телевизија Скопје, а од 1977 година работи како костимограф во Македонскиот народен театар во Скопје, сè до 2001 кога заминала во пензија. Како костимограф има реализирано над 400 театарски, оперски и балетски престави, како и филмови и ТВ емисии, а гостувала и во проекти на сцените во СССР, во Германија и во Франција.
Добитник е на повеќе награди и признанија во земјава и странство: петнаесетина награди за најдобра костимографија на МТФ Војдан Чернодрински; на наградата Јован Бигорски од ДЛПУМ за својата костимографска работа; на Стериината награда за костимите во претставата Диво месо (1980, Нови Сад); списанието „Словенски екран” ја прогласи Елена Дончева за најдобар костимограф во југословенската продукција во 1975 година за филмот ЈАД… Меѓу филмовите на кои работела се Црно семе, Јад, Оловна бригада, Јазол, Преку езерото и Соба со пијано.
Димитар Грбевски е роден во Велес. Филмски и телевизиски монтажер. Започнува да работи како филмски монтажер во РТВ Скопје во 1965 година. Филмска академија завршува во Загреб (1972). По завршувањето на Академијата, во 1975 година се вработува во „Вардар филм”. Од 1992 работи како професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје на катедрата за филмска и ТВ монтажа, а во 2011 заминува во пензија.
Грбевски како асистент на монтажа и монтажер учествувал во повеќе од 30 филмови и ТВ филмови и серии. Во 1981 ја освои Повелбата за долгогодишен придонес, Фестивал на југословенски документарен и краток филм, Белград. Во неговата богата филмографија меѓу другите се запишани и: 1971 година: Ембрио No. M. (монтажер на првиот македонски анимиран филм), Најдолгиот пат, Исправи се Делфина, Дае (документарен), Црвениот коњ, Македонска сага, Џипси меџик и Војната заврши.
Наградата на Дончева и Грбевски ќе им биде врачена на 16 мај во киносалата на Кинотеката.