Настапот на Мадона на натпреварот за песна на Евровизија, на 18 мај во Тел Авив, е неизвесен бидејќи, како што рекоа организаторите, не потпишала договор за шоуто, објави Би-би-си.
Joн Ола Санд, извршен супервизор на Евровизија, рече дека „Европската радиодифузна унија никогаш не потврди дека Мадона ќе настапи“ на шоуто.
„Ако немаме потпишан договор, тоа не може да се случи на нашата сцена”, рече тој.
Појавувањето на Мадона на евровизиската сцена беше објавено во април од американски и британски публицисти.
„Сега сме во преговори, во завршна фаза. Но, ако оваа недела не дојде до потпишување договор, таа нема да се појави на сцената”, изјави Санд.
Според „Ерусалим пост”, Мадона ќе пристигне во Тел Авив в среда, на 15 мај, за да присуствува на пробите.