Во извештај на француската Национална агенција за здравствена заштита, објавен денеска, се посочува дека ЛЕД светилките имаат штетни последици врз човековиот вид и сон, јави дописникот на МИА.
ЛЕД светилките станаа популарни поради економичноста, еколошките карактеристики, ниската потрошувачка и висока ефикасност. Од 90-тите години на минатиот век тие постепено ги заменија т.н. „традиционални” светилки.
Но, студијата на француската Агенција ги нагласува штетните ефекти на сината светлина, ослободени од ЛЕД диодите по човековото здравје.
Овој експертски извештај ги потврдува резултатите од првата студија изработена во 2010 година. Додека експертизата од 2010 година „ја истакнуваше штетноста на сината светлина за мрежницата”, новите податоци ги поддржуваат овие резултати и ги докажуваат ефектите како на краток, така и на долг рок. Според извештајот, хронична изложеност на ЛЕД светилки од неколку години, може да го „зголеми ризикот од макуларната дегенерација поврзана со стареење”, што е водечка причина за слабеење на видот кај лицата над 50 години.
Во извештајот се наведува дека светлината од светилките што се користат во домаќинствата е блиска до онаа на традиционалните светилки, па тие и не се толку штетни. Но, проблемот е со ЛЕД диоди најбогати со таканаречената „сина” светлина, како фаровите на автомобили, но исто така и рефлекторите, декорациите на отворено и играчки. Тука секако се и екраните на паметните телефони, таблетите и компјутерите.
Агенцијата изработи листа на најзагрозени популации, на која, пред сè, се вклучени децата и адолесцентите, бидејќи нивните очи филтрираат помалку сина светлина од возрасните, но и бремените жени поради „потенцијалните ефекти врз нероденото дете”, како и постарите лица, професионалците изложени на осветлување, работниците во ноќни смени и луѓе кои страдаат од мигрена и нарушувања на сонот.
Но, според агенцијата, сите луѓе сме потенцијално жртви на синото светло затоа што се повеќе и повеќе користат екрани, било професионално или дома, особено пред спиење. Сепак, експертизата покажува дека дури и многу мала изложеност на сина светлина навечер или ноќе го нарушува биолошкиот ритам и со тоа и сонот.
Всушност, на човековиот внатрешен часовник му треба голема осветленост во текот на денот, и „целосна темнина” во текот на ноќта, со цел да се синхронизираат. Ноќе, произведуваме мелатонин, хормон на спиењето. Дури и многу мала изложеност на сина светлина во вечерните часови ги одложува или дури целосно го прекинува ноќното производство на мелатонин.
Според експертизата, постојат многу антисини светлосни очила, но нивната ефикасност останува многу мала. Овие очила со специјален третман филтрираат подобро од конвенционалните очила, но не се доволно ефикасни за да се сметаат за лична заштитна опрема. Слично на тоа, не е забележана вистинска ефикасност ниту кај екраните за кои се тврди дека го ограничуваат синото светло.
Француската Национална агенција за здравствена заштита притоа препорачува да се ограничи изложеноста на младите на сина светлина, особено во вечерните часови, да се ограничи интензитетот на автомобилските светла, да се воспостават нови прописи со преиспитување на граничните вредности на изложеност, а дома, да се фаворизираат светилките со „топло бело” осветлување и со ниска температура на бојата, наместо „студените бели” светилки.