Лекарите во Клиничкиот болнички центар „Ребро“ во Загреб успешно одвоија сијамски близнаци, кои ги оперираа 14 лекари цели 15 часа.
Валентина и Кристина се родени споени во долниот дел од градниот кош и имаат заеднички црн дроб и црева. Нивното одделување, според лекарите, било една од најкомплицираните медицински процедури. За само два месеца од операцијата, девојчињата напредуваат и двојно е зголемена нивната тежина.
Покрај тоа што бебињата се родиле споени, проблем било тоа што тие се родиле предвреме, но имале и неизбалансирана циркулација. Според лекарите, станува збор за многу редок случај. Според нив, забележани се околу 16 проценти на близнаци со споени црева, и Кристина и Валентина биле поврзани и со црниот дроб и со цревата.
„Ова е втор случај на светот каде близнаци беа споени со црниот дроб и со цревата. Во првиот случај преживеа само еден од близнаците, а нашите девојчиња се живи и засега напредуваат добро”, вели д-р Ружа Грижељ за ,,Јутарњи лист”.