Американски суд осуди Русин за заговор против САД, бидејќи на платформата за онлајн купување „eBay“ порачал инструкции за користење на борбен авион Ф-16. Олег Тишченко тврди дека упатството и другите документи ги купил за да направи реалистичен симулатор.
Тишченко во 2011 година го пребарувал „eBay“ со цел да купи упатство за користење на Ф-16А/Б. Меѓутоа, документите не можеле да му бидат доставени во Русија, бидејќи продавачот не нудел можност за испраќање во странство, пишува „Раша тудеј“.
Затоа, Русинот побарал помош на интернет-форум посветен на играта Digital Combat Simulator (DCS). Еден член на форумот кој живеел во Тексас се согласил да ја прифати нарачката и потоа документите да му ги препрати во Москва, па Тишченко ги добил инструкциите за управување малку подоцна истата година.
Иако испраќачот тврди дека не видел оти материјалот е означенен како доверлива содржина односно дека тој бил сигурен оти документите се застарени, испраќањето на ваквите документи претставува прекршување на законот за извоз на оружје, бидејќи инструкциите за борбени системи се наведени на листата за американска муниција и потребна е дозвола за извоз во странство.
Тишченко беше обвинет во 2016 година, но беше уапсен дури годинава, кога отпатувал за Грузија, земја која го екстрадирала во САД. Тој е обвинет за заговор против САД и за криумчарење и кршење на Законот за контрола на извозот на оружје.
Руската амбасада во Вашингтон сугерираше дека можеби станува збор за местенка од страна на американските власти.
Во рамки на истрагата е утврдено дека Тишченко собирал упатства за неколку авиони односно дека документите поврзани со борбениот авион Ф-16А ги продавал и на купувачи од Кипар, Јапонија, Холандија, Австралија, Германија и Тајван во периодот меѓу 2012 и 2015 година.