Компаниите кои работат во земјите-членки на ЕУ мора да воспостават систем за евиденција на работното време на нивниот персонал, пресуди Европскиот суд за правда (ЕСП).
Судот соопшти дека е неопходно да се евидентираат часовите на вработените за да можат правилно да се применат законските ограничувања во работното време.
„Со цел да се обезбеди ефикасност на правата предвидени во Директивата за работно време и Повелбата, земјите-членки мораат да бараат од работодавачите да воспостават објективен, сигурен и пристапен систем кој ќе овозможи мерење на работното време на секој вработен“, рече ЕСП во своето соопштение.
Секоја земја ќе може слободно да дефинира како да го имплементира таквиот систем, додаде тој.
Пресудата од 14 мај следува по случајот во кој шпански синдикат бара Дојче банк да биде принудена да воспостави систем за евидентирање на работното време за своите вработени во Шпанија.
„Синдикатот сметаше дека таков систем ќе овозможи придржување до утврденото работно време и обврската утврдена со националниот закон, да се обезбедат информации за прекувремена работа секој месец“, рече ЕСП.
Дојче банк не го евидентирала работното време на своите вработени, бидејќи рече дека шпанскиот закон бара само да води евиденција за прекувремени работни часови на вработените.
Според информациите наведени во изјавата на ЕСП, 53,7% од сработените прекувремени часови во Шпанија не се евидентирани. Шпанските компании, исто така, се законски обврзани точно да го знаат бројот на нормални работни часови со цел да утврдат дали биле сработени прекувремени часови.
Отсуството на систем за мерење на сработените часови секој работен ден од страна на секој вработен не дозволува и мерење на прекувремените часови, а со тоа и обезбедување на правата на работниците, истакна ЕСП.