Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска апелираше на единство на азиските земји во трговската војна на Кина со САД.
Во воведното обраќање на Конференцијата за дијалог на азиските цивилизации, што се одржа во Пекинг, Си нагласи дека секоја земја додека се развива самата, треба да дозволи да се развиваат и другите цивилизации.
– Треба да ги оставиме да цветат различните цивилизации во светот. Нема да има судир на цивилизациите се додека луѓето бидат во состојба да ги ценат нивните убавини, порача Си.
Кинескиот претседател оцени дека претставува „глупава идеја и катастрофален чин” ако некој мисли дека неговата раса и цивилизација е супериорна и инсистира на преобликување и менување на другите цивилизации.
– Треба да ги задржиме еднаквоста и почитувањето, да се откажеме од гордоста и предрасудите, да го прошириме нашето знаење за разликите меѓу нашите и другите цивилизации и да промовираме дијалог и соживот меѓу цивилизациите, нагласи Си.
Во пресрет на денешната конференција во Пекинг, претставничката на американскиот Стејт департмент, Кирон Скинер изјави дека стратешкиот натпревар меѓу САД и Кина претставува „борба на навистина различни цивилизации и поинакви идеологии”.
– САД првпат се соочуваат со голем и моќен конкурент, што не е од белата раса, истакна Скинер.
Инаку, во тек е трговска војна меѓу САД и Кина во чии рамки двете земји меѓусебно си ги зголемуваат царините за увоз.