Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, денеска во Унгарија оствари средба со државниот секретар од унгарското Министерството за финансии, Ракози Балаж. Во склоп на студиската посета на делегацијата од Република Северна Македонија се разговараше на тема рамномерен регионален развој и ЕУ фондови за размена на искуства со Република Унгарија.
Државниот секретар му изрази силна поддршка на нашето Министерството за локална самоуправа, за спроведување на регионалната политика и беше договорен Меморандум за разбирање и соработка на билатерално ниво, кој се очекува да биде потпишан во септември по усогласување и потврдување од страна на Владите на двете држави.
Министерот Фазлиу ја искористи можноста за да го потенцира процесот на проценка на спроведување на законот што е во сила и изработката на нова десет годишна стратегија за рамномерен развој, која ќе треба да ги земе предвид досегашните искуства, како и добрите практики што се реализираат во земјките членки, како што е Унгарија. Меѓу другото, министерот упати благодарност до Унгарската Влада за поддршката што таа ѝ ја дава на нашата држава во напорите за приклучување кон ЕУ.
Искуствата што нашиот тим од претставници од Министерството за локална самоуправа, ќе ги добие од своите унгарски колеги ќе биде од важност за заокружување токму на процесот на проценка и драфтирање на препораки и цели за постигнување рамномерен развој на целата територија на нашата земја во новата стратегија.