Речиси 50 Палестиници се повредени откако ја нападнаа израелската армија на границата помеѓу Појасот Газа и Израел. Палестинците денеска го одбележуваат Денот на катастрофата (Ал Накба) односно 15 мај кога Израел во 1948 година стана независна држава.
Илјадници луѓе денеска се собраа на границата со Израел, додека Хамас, кој го контролира Појасот Газа прогласи генерален штрајк. Палестинците ја одбележуваат „катастрофата” односно раселувањето на стотици илјади луѓе од нивните домови за време на војната во 1948 година.
Во Рамалах, на Западен Брег неколку стотици луѓе маршираа од гробот на покојниот палестински лидер Јасер Арафат до центарот на градот, барајќи да им се врати одземениот имот, што сега се наоѓа на израелска територија.
Израел ги одбива барањата за масовно враќање на бегалците во одамна изгубените домови со објаснување дека тоа би го загрозило „еврејскиот карактер” на земјата.
Денот на катастрофата се одбележува во време на зголемени тензии помеѓу Израел и Палестинците. Во судирите за време на првиот викенд од мај, Палестинците истрелаа над 700 ракети врз Израел при што загинаа четворица цивили. Тоа беа првите израелски жртви од војната помеѓу израелската армија и Хамас од 2014 година, што траеше 50 дена.
Израелската армија одговори на ракетирањето со напад од копно и од воздух, при што уби 25 Палестинци, меѓу кои десет екстремисти, две бремени жени и едно бебе.
За време на минатогодишниот протест по повод Денот на катастрофата по отворањето на Амбасадата на САД во Ерусалим загинаа повеќе од 60 Палестинци од израелски оган.
Израел тврди дека ја брани својата граница и ги обвинува екстремистите од Хамас, под чија контрола е Појасот Газа, дека ги користат масовните протести на границата како покритие за нападите. Протестите се одржуваат обично еднаш неделно, во петок, уште од крајот на март минатата година.