Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска го прими амбасадорот на Република Словенија, Милан Јазбек и амбасадорката на Народна Република Кина, Јин Лисјен.
Амбасадорите во име на претседателите на двете земји, му упатија искрени честитки на претседателот Пендаровски за изборот на функцијата Претседател, му посакаа успешен мандат и изразија уверување дека севкупните односи на нивните земји со Република Северна Македонија во иднина дополнително ќе се унапредуваат.
На средбата со амбасадорот на Република Словенија, Милан Јазбек беа разменети мислења за актуелните политички прашања во регионот, при што беше констатирано дека напредокот на Република Северна Македонија во ЕУ и НАТО позитивно ќе влијае на стабилноста и просперитетот на целиот регион. Во тој контекст, претседателот Пендаровски изрази очекување дека Република Северна Македонија во најбрзо време ќе стане членка на НАТО и ќе ги отпочне пристапните преговори за членство во ЕУ и се заблагодари за сета досегашна поддршка од Словенија на планот на евроатлантските интеграции.
На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина, Јин Лисјен, претседателот Пендаровски истакна дека јакнењето на искреното партнерство со Кина останува трајна определба на нашата надворешна политика и изрази поддршка на сите конкретни иницијативи што произлегуваат од процесот на соработка меѓу Кина и земјите на Централноисточна Европа 16+1. Во таа насока, претседателот Пендаровски изрази интерес Република Северна Македонија да биде вклучена и во инфраструктурните проекти кои произлегуваат од „Патот на свилата”, што отвора сериозна перспектива за нови инвестиции и јакнење на економијата на нашата земја.