Во присуство на писатели, поети и литературни критичари во Домот на култура „Илинден”, во Општина Илинден беше отворена јубилејната 20-та литературна манифестација „Илинден 2019″.
Манифестацијата ја отвори градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски.
Тој истакна дека литературната манифестација зафаќа достојно место во просторот на културните збиднувања, и со сета своја автентичност остава белег и придонес за афирмација на културата во локалната самоуправа во нашата држава и дава можност за учество во културната размена со светот.
Додаде дека оддржливоста на литературната манифестација „Илинден” во целиот период се постигнува благодарение на целосната посветеност, заложба и поддршка на Друштвото на писателите на Македонија, Министерството за култура и Општина Илинден како локална самоуправа.
– Самото постоење на оваа манифестација веќе 20 години ни дава потврда дека сме на вистинскиот пат во насока на промовирање на современите културни достигнувања и негување на културата и културните вредности преку приближување на пишаниот збор до што поголем број читатели. Задоволни сме што успеавме да изградиме мост меѓу домашните и писателите од странство при што размената на искуства е драгоцена за сите нас. Но, исто така, горди сме што токму литературната манифестација „Илинден” беше место за многу млади автори да ја доживеат својата афирмација, рече градоначалникот Стојановски.
По свеченото отворање на манифестацијата, по повод 80-ет годишнината од излегувањето, на десет словенски јазици беше промовирана стихозбирката „Бели мугри” од Кочо Рацин.
Беседа за авторот одржа проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, а стихови од Рацин на дел од словенските јазици читаа Владимир Луков, Сања Должан, Јасминка Делова-Силјанова, Игор Дворшќак, Наталија Кикило и Антонио Павловски.