Не постои ниту една медицинска технологија во светот, ниту пак некоја друга форма на лек како вакцината што спасува повеќе животи. Секое дете кое ќе се запише во училиште треба да ги има примено сите задолжителни вакцини согласно вакциналниот календар, како што е пропишано во Правилникот за имунизација од Министерството за здравство, истакна вечерва ресорниот министер Венко Филипче, кој рече дека дилемите потекнуваат од контрадикторноста во Законот за основно образование, каде се вели дека основното образование е задолжително, но во исто време се вели дека при упис на сите деца мора родителите да го дадат и вакциналниот картон.
– Имаше дилеми, различни толкувања, имавме повеќе неофицијални средби, имаше средби на една работна група што ја формиравме заедно со претставници од Министерството за труд и социјална политика и оттука, од таа контрадикторност произлегоа и различните толкувања, но и различните ставови на одредени провиниенции. Меѓутоа, сепак, имавме дебата и во Владата на последната седница каде што го искористивме и експертското мислење на министерката за правда и заклучивме дека сепак Законот е прилично јасен, дека точно е дека основното образование е задолжително, но во исто време секое дете кое се запишува во училиште мора според сегашниот Закон да го даде и вакциналниот картон, рече Филипче во емисијата Топ тема на ваша страна на телевизијата Телма.
Веројатно, посочи тој, тоа што Законот не се почитувал во изминатите години било причина да падне колективниот имунитет и сега ние да се соочуваме со епидемија на морбили каква што имаме во изминатите шест месеци.
– Има одлука на Уставниот суд во 2014 година што многу јасно вели дека прво, никој нема право да го загрозува јавното здравје заради не постапување, заради ставање на приоритет на индивидуалното здравје и во исто време, немаат право родителите заради својот став да го загрозуваат правото на детето да биде здраво, а вакцината е единствената докажана работа што како процедура е одлична инвестиција во сопственото здравје, нагласи Филипче.