Министерот за надворешни работи на Турција, Мевљут Чавушоглу денеска негираше дека Турција го одлага купувањето на рускиот противракетен систем С-400, поради напнати односи со САД.
Чавушоглу рече дека „во овој момент не се доведува во прашање никакво одложување или укинување”.
Тој повтори дека набавката на системот направен во Русија е „завршена работа”.
Чавушоглу рече дека Турција и САД разговарале за предлогот на Турција за формирање заедничка комисија, која ќе ги разгледа можните ризици на С-400 според американската програма Ф-35.
Блумберг претходно објави дека Турција го разгледува барањето на САД да ја одложи набавката на рускиот противракетен систем С-400 до 2020 година.
Како што наведе, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела побара од Анкара одложување на приемот на С-400, кој според договорот треба да биде испорачан во јули.
САД тврдат дека рускиот противракетен систем е дизајниран да соборува американски и сојузнички авиони, вклучувајќи и Ф-35, во чија изработка помагаат и турски произведувачи.