Членови на групата Рубикон околу четири часот утрово со бои ја нападнаа резиденцијата на амбасадорот на САД во Атина, а преку текст и видео објавени на анархистички сајт, ја презедоа одговорноста со објаснување дека нападот е во знак на протест за Димитрис Куфодинас, терористот осуден на доживотна затворска казна, кој штрајкува со глад, јави дописничката на МИА од Атина.
Според видеото кое го објавија членовите на анархистичката група Рубикон, со неколку мотори пристигнуваат пред резиденцијата на американскиот амбасадор, фрлаат бои врз надворешните ѕидови, а 20 секунди подоцна со голема брзина се оддалечуваат од местото.
Грчката полиција приведе девет лица.
Преку објавениот текст на анархистички сајт, ја презедоа одговорноста и објаснија дека причината е барањето за добивање дозвола за излез од затвор на Димитрис Куфодинас, лидерот на терористичката организација 17 Ноември, кој од втори мај штрајкува со глад.
За инцидентот реагираа американскиот амбасадор во Атина, преку Твитер и Министерството за надворешни работи на Грција, преку официјално соопштение.
– „Калимера” (добар ден), утрово се разбудив со детски вандализам пред резиденцијата и ќе продолжам да работам со грчките власти за да се казнат виновниците, согласно законот. Уништувањето на имотот не е мирен протест, напиша амбасадорот на САД во Атина, Џефри Пајат на неговиот официјален Твитер профил.
Во соопштението од грчкото МНР се наведува дека го осудуваат „вандализамот врз резиденцијата на амбасадорот на пријателската земја САД”.
– Станува збор за неприфатлива и неодговорна постапка која сепак нема да ги повреди пријателството и постојано прошируваната соработката меѓу нашите две земји. Соработка што се базира на заеднички принципи и вредности, во корист на нашите два народи. Надлежните грчки власти веќе ги преземаат неопходните постапки за сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата.