Изложба на фогографии од Дејан Колевски насловена „Јапонија“ ќе биде отворена на 16 мај (четврток) во НЛБ галеријата во Скопје со почеток од 20 часот.
На изложбата ќе бидат претставени четириесеттина уметнички фотографии изработени во црно-бела и колор техника. Направени се во Јапонија каде што авторот престојувал во текот на мај 2016 година, а го отсликуваат секојдневието и атмосферата во Токио, Јокохама, Осака, Кјото и Каназава.
„Јапонија е земја која за секој посетител е интересна и привлечна од повеќе аспекти. Впечатоците од посетата на Јапонија и јапонската култура се позитивни и изненадувачки од повеќе аспекти и тоа во позитивна смисла. Јапонија е сосема поинаков свет од оној во кој живееме, а тоа се сфаќа брзо по пристигнувањето. Таа е земја на контрасти, а споевите или судирите меѓу традиционалното и модерното можат да се видат насекаде, почнувајќи од облеката на луѓето до архитектурата“, вели Колевски во најавата за оваа изложба, која првично требаше да биде отворена минатата недела, но потоа беше презакажана, поради семејни причини.
Колевски со фотографија интензивно се занимава повеќе од дваесет години. По професија е телекомуникациски инженер, а вели дека фотографијата му дава можност за креативно изразување.
Изложбата „Јапонија“ е под покровителство на Фото Сојузот на Македонија.