На 14 мај 2019 година во Тирана, Република Албанија, се одржа редовниот состанок на Главната мешовита комисија за одржување, обновување и одбележување на граничната линија меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија. Делегациите на двете земји беа предводени од државниот секретар, Виктор Димовски и генералниот секретар во албанското Министерство за надворешни работи, Газменд Барбалуши.
За време на состанокот кој се одвиваше во конструктивна и пријателска атмосфера, двете делегации разговараа за активностите поврзани со замена на оштетените или поместените гранични ознаки на заедничката државна граница односно поставување на нови, за подобрување на видливоста на граничната линија и потребата од чистење на истата, за вршење геодетски премер и аерофотограметриско снимање, како и изработка на дигитални гранични карти.
Наредниот состанок на Главната мешовита македонско – албанска комисија за одржување, обновување и одбележување на граничната линија ќе биде одржан во Скопје во првата половина на 2020 година.