Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска беше во посета и оствари работна средба во реконструираниот објект со раководството на Секторот за внатрешни работи Битола, по што се сретна и со градоначалничката на Битола, Наташа Петровска како и со претставници на општинскиот совет и советот за превенција.
Во изјавата за медиуми министерот Спасовски рече: ,,Она што, во поглед на подобрувањето и унапредувањето на материјално-техничките услови за работа на полицијата, го започнавме во текот на 2017 година голем дел реализиравме во текот на целата измината години, го продолжуваме со несмален интензитет и оваа година. Денешниов ден го започнавме со работна посета и работна средба со раководството на Секторот за внатрешни работи Битола каде што во целост завршија санациските работи на објектот на оваа организациона единица при МВР, вредни околу 7.000.000 денари, средства обезбедени од буџетот на министерството“.
,,Практично во рамки на тој наш зафат за реконструкција и санација на објекти во владение на организациони единици при МВР ова е 19-ти таков објект, а сумата што за таа намена до денес е издвоена од наши буџетски средства на министерството веќе достигнува околу 28.000.000 денари или околу 450.000 евра. Ние и во наредниот период ќе продолжиме со натамошните активности на овој план, согласно нашите проекции и проценки, затоа што еден од суштинските приоритети без кој што неможе да се преферира на успешност во работата на полицијата е токму подобрување на севкупниот статус и услови за работа на оваа категорија службеници на МВР“, нагласи Спасовски.
Покрај ова министерот Спасовски се осврна и на безбедносната состојба на подрачјето на СВР Битола оценувајќи ја како мирна и стабилна, при што посочи дека во текот на 2018 година како и првиот квартал на оваа година, компаративно гледано во споредба со претходните години, евидентен е позитивниот тренд во работењето на СВР Битола.
,,За илустрација сакам да посочам дека по однос на криминалитетот од вкупно евидентираните 3037 кривични дела по разни области на подрачјето на СВР Битола реализацијата е 36 отсто во споредба со 3263 дела во 2017 кога реализацијата била 31 процент. Всушност лани нашите колеги од СВР Битола постигнале најдобри резултати во борбата со криминалот споредбено со петте години претходно. Таквиот позитивен тренд веќе е задржан и годинава така што на пример минатиот месец од вкупно регистрираните 185 кривични дела процентот на реализација изнесува 56 отсто“, истакна Спасовски.
На крајот од својата изјава министерот Спасовски ја посочи и средбата со битолската локална самоуправа и советот за превенција на која што било разговарно за сите прашања од заемен интерес, посебно во поглед на соработката, односно продлабочувањето на комуникацијата и заедничките активности помеѓу граѓаните и полицијата, како и за прашања во делот на сообраќајот за кои што во наредниов период полицијата и локалната самоуправа ќе работат заеднички за нивно подобрување и решавање.