Властите во Германија денеска претресуваа куќи и банки низ целата држава во истрагата за даночно затајување, иницирана од Дојче банк.
Претресени се 11 финансиски канцеларии во Бон, Келн, Дизелдорф, Франкфурт и други градови, изјавија обвинителите.
Тие не ги именуваа банките, но истакнаа дека меѓу нив има и некои локални штедилници, посочувајќи дека Дојче банк не е единствената институција, објави „Њујорк тајмс”.
Дојче банк, каде што германската полиција упадна во ноември поради можно даночно затајување, соопшти дека нејзините канцеларии денеска не се пребарани.
– Истрагите не беа насочени против Дојче банк, се наведува во соопштението, во кое се додава дека банката соработува со Јавното обвинителство и доброволно ги отстапува сите потребни документи.
Во соопштението се додава дека денешните претреси беа насочени на осум поединци, четири даночни советници и шест компании за управување со имот.
Луѓето се осомничени за криење на капиталните добивки од германските даночни власти, користејќи оф-шор компании со помош на големи германски банки на британските Девствени Острови.