Лидерот на венецуелската опозиција Хуан Гуаидо изјави дека властите во земјата се обидуваат да го затворат Националното собрание, еднодомниот Парламент на Венецуела.
– Нема сомнеж дека (властите) имаат само една цел – да го затворат Собранието. Државниот тероризам е единствена работа која Николас Мадуро може да ја понуди, рече Гуаидо пред неговите приврзаници во Каракас.
Тој истакна дека членовите на Парламентот денеска ќе продолжат со работа.
– Ние ќе продолжиме да работиме и нема да го напуштиме Парламентот. Ако бидеме приморани да одржиме седница пред Собранието, на улица, ќе го направиме тоа, додаде Гуаидо.
Венецуелските безбедносни сили вчера го блокира Парламентот на Венецуела, оневозможувајќи им влез во зградата на пратениците, со образложение дека постои закана за поставена бомба.
Како што јави ДПА, вчерашната акција на безбедносните сили следи откако Врховниот суд на Венецуела минатата недела им одреди притвор на неколку опозициски пратеници под обвинение за предавство.
Опозицискиот пратеник Луис Стефанели изјави дека Парламентот не се плаши од вакви закани и дека ќе заседава на некое друго место.
– Ќе одржиме седница на Националното собрание под некој мост или на некој плоштад, изјави Стефанели.
Парламентот требаше да заседава за да расправа за одлуката на Врховниот суд за покренување обвиненија за предавство против дел од пратениците.
Националното собрание се обидува да го смени Мадуро, кој лани беше реизбран на функцијата на избори со сомнителен легитимитет и бојкотирани од опозицијата. По истекот на претходниот мандат на Мадуро во јануари годинава, Гуаидо, повикувајќи се на уставните одредби, се прогласи за привремен претседател на државата до одржување на нови демократски и слободни претседателски избори. По ова, околу 50, претежно западни земји, го признаа Гуаидо за легитимен шеф на државата.