Синоќа во Кинотеката на свечен начин со прогласување на добитниците на „Златен був“ заврши 9. Филозофски филмски фестивал. Во конкуренција на селекција на долгометражни филмови жирито што го сочинуваа познатиот македонски режисер Милчо Манчевски, професорот по филмски студии од Универзитетот во Единбург и стручњак во областа на филм-философијата – Дејвид Сорфа и професорот по филозофија и научен истражувач – Бошко Караџов, „Златниот був“ му го додели на „Крадци на гулаби“ на младиот турски режисер Осман Наил Доган. Со „Златен був“ од публиката годинава се закити бугарскиот омнибус филм од 6 режисери „8 минути и 19 секунди“, работен по расказите и во косценарио на Георги Господинов.
Во конкуренција на краткометражни филмови, жирито составено од научниот истражувач од Институтот К.Г Јунг од Цирих – Габриела Калчи Новати, режисерот Иво Бару и докторандот при Институтот за филозофија и социологија на Полската академија на науки во Варшава – Наум Трајановски, со „Златен був“ го награди филмот „Ноќен разговор со џелат“ на рускиот режисер Јаков Сивченко.
Жирито додели и две специјални признанија: узбекистанскиот „Чај“ на Шакир Холиков (којшто воедно го доби и „Златниот був“ од публиката) и португалскиот „Понеделник“ на Себастиао Салгадо.
Вечерта беа истакнати и добитниците на наградите од сегментот средношколска видеолектира во рамките на Едукативната програма на Фестивалот. По гледањето на филмската предлошка, организирана во соработка со италијанската амбасада, класикот „Чудо во Милано“ од Виторио де Сика и со вклученост на 24 средни училишта и 500 ученици од целата земја, 58 ученици напишаа филмософски есеј на тема: „Homo homini lupus est: Колку чини една насмевка“. Стручното жири сочинето од Сузана Симоновска, Марија Тодоровска и Мартин Поповски првото место го додели на Наташа Драшковиќ од СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“ – Скопје (наставник ментор: Даниела Николова), второто место на Виктор Димовски (од истото училиште и истиот ментор) и третото место на Марија Танеска од ОСУ „Св. Климент Охридски“ – Охрид (наставник ментор: Јане Богоески).
Во продолжение присутната публика имаше можност да го проследи францускиот филм „Заливот слек“ на Бруно Димон. Кон оваа необична комедија и воопшто за елементите на хуморот и скепсата во филм-философијата се осврна специјалниот гостин за вечерта, професорот Дејвид Сорфа, во излагањето насловено: What Are We Laughing At? Skepticism as a Joke in Film-Philosophy. Во отворената дискусија со публиката беа отворени теми поврзани со проблемот на изнаоѓањето валиден интерпретациски клуч на вакви „бизарни“ филмски ремек дела, потоа со смислата на употребата на елементите на религијата во филмот.
Главната програма на 9. Филозофски филмски фестивал неформално заврши во кафе-бар „Мартини“, каде што SILENT SPRING QUARTET (Дени Омерагиќ /контрабас/, Нинослав Спировски /кларинет, тенор саксофон/, Мартин Георгиевски /електроника, гитара/ и Владимир Мартиновски /тамбура, кавал, удиралки/) со маестрални музички импровизации ја забавуваа присутните.
Тимот на 9. Филозофски филмски фестивал и Филозофското друштво на Македонија како негов организатор најавија дека со завршувањето на Главната програма само се затвора еден поголем негов дел, односно дека во текот на наредните 30-тина дна ќе следуваат уште неколку настани од фестивалот. Најпрвин, веќе наредната недела, од 20 до 23 мај во четири градови од државата ќе се реализира ФФФ караванот, односно трансферирањето на дел од Главната програма и фестивалската атмосфера во Штип, Свети Николе, Прилеп и Битола. Подоцна, во периодот помеѓу 27-30 мај, ќе продолжи Ретроспективата ВИМ ВЕНДЕРС, којашто се организира во соработка со Гете-институтот Скопје. Во рамите на Ретроспективата во Кинотеката на С Македонија ќе бидат прикажани филмовите: Токио-ГА, Солта на земајта, Соба 666 и Пина. Конечно, 9. Филозофски филмски фестивал ќе заврши со две специјални проекции на победничките филмови во конкуренција на долгометражни филмови. Проекциите, во присуство на режисерите на филмовите, кога и ќе им бидат доделени наградите „Златен був“, ќе се одржат кон средината на месец јуни.