Во знак на подготовките за финалните активности од овогодинешната сезона на „Фудбал за пријателство“, македонските учесници во проектот на средба со Фудбалската Федерација на Македонија.
Македонските учесници во проектот „Фудбал за Пријателство“, младите амбасадори Милош Спасовски, Борјан Томовски, Лука Јаневски, млади фудбалери од подмладокот на ФК „Вардар“ и Калина Василевска, ученик од Скопје остварија средба со претседателот на Фудбалската Федерација на Македонија, Муамед Сејдини и Селекторот на Македонската Фудбалска Репрезентација, Игор Ангеловски.
Во рамки на одржаната средба, македонските учесници го претставија проектот и неговите цели и разговараа за неговите вредности – пријателство, мир и еднаквост, како и поттикнување на негување на истите помеѓу граѓаните и важноста на вакви проекти за создавањето на љубов кон спортот кај младите. Младите амбасадори на присутните им подарија сино-зелена Алка на Пријателството – официјален симбол на проектот и неговите клучни вредности.
„Фудбалот е колективен спорт. Добриот фудбалер, покрај високо – квалитетните перформанси на теренот, е тимски играч и ги применува позитивните вредности кои ги поттикнува проектот ’Фудбал за Пријателство’ – пријателство, еднаквост, праведност, здравје, мир, посветеност, победа, традиција и чест. Ги охрабрувам сите млади активно да спортуваат и да ја пренесуваат пораката на овој проект за присуство на мирот, пријателството и еднаквоста на спортските терени, како и во секојдневниот живот. Воедно, ги повикувам Младите Амбасадори на проектот од македонската делегација да ги споделат овие вредности со сите свои врсници и пошироко“ , изјави Игор Ангеловски, селектор на Македонската Фудбалска Репрезентација.
„Како Фудбалска Федерација, континуирано поддржуваме проекти во кои се поттикнува практикувањето на спортски активности, но и позитивни вредности на теренот и вон него кај децата од различни возрасни категории. Во овој контекст, со целиот наш стручен и личен капацитет го поддржуваме проектот ’Фудбал за Пријателство’ и можам да кажам дека редовно ги стимулираме младите кои се заинтересирани за фудбалот да ги применуваат клучните вредности на овој Проект, истовремено поттикнувајќи ја средината на здрав живот, развој на спортска кутура, пријателство и еднаквост. На младите претставници од македонската делегација која ќе нѐ претставува во Мадрид, Шпанија, им посакувам успешни активности и да се вратат со убави спомени и нови пријателства. Воедно, ги повикувам нив, како и сите млади, да ги следат своите соништа и да веруваат во самите себеси – на овој начин, со посветеност, работа, верба и дисциплина, може да се реализираат и како личности и врвни спортисти“, изјави Муамед Сејдини, претседател на Фудбалската Федерација на Македонија.