Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган вети дека Турција ќе го спроведе договорот за набавка на руските ракетни системи С-400, изјави денеска претседавачката на Горниот дом на рускиот Парламент, Советот на Федерацијата, Валентина Матвиенко.
– Секако, (Ердоган) се осврна и на темата на системите С-400. Тој рече дека врз Турција е извршен притисок без преседан што и натаму продолжува, но изнесе уверување дека, како претседател, гарантира дека Турција ќе го спроведе овој договор, истакна Матвиенко по средбата со шефот на турската држава во Истанбул.
Според неа, Ердоган порачал дека не гледа никакви причини поради кои Турција не би ги исполнила своите обврски од договорот за набавка на противвоздушните ракетни системи С-400.
Вчера и шефот на турската дипломатија Мевљут Чавушоглу ги негираше информациите дека Турција ја одлага набавката на системите С-400.
– Во овој момент не се расправа за никакво одлагање или суспендирање, изјави Чавушоглу, додавајќи дека набавката на руските системи е „завршена работа”.